За нас
„Сѐ она што нѐ вознемирува кај другите може да помогне да се разбереме себе си” – Карл Густав Јунг
Историја
Центарот за културна интеракција и дијалог (ЦКИД) е основан во ноември 2011 од Факултетот за јазици, култури и комуникација (ФЈКК)при Универзитетот на Југоисточна Европа, во партнерство со Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција. Центарот започна со работа во ноември 2011 како проект финансиран од УНЕСКО, а насловен: „Зајакнување на меѓуетничкиот дијалог и меѓуетничката соработка на заедниците” и беше координиран од професори по јазици и комуникации од Факултетот за ЈКК во ЈИЕУ. Во рамките на овој проект финансиран УНЕСКО, во периодот од ноември до март 2012, ЦКИД организираше серија на обуки, работилници и на тркалезни маси за улогата, промовирањето и за важноста на мултикултурализмот во работата на наставниците и во општеството. Проектот на УНЕСКО заврши на крајот на академската година 2012 и оттогаш ЦКИД е независна институција во рамките на Факултетот за ЈКК на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Зошто ЦКИД?
Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) е модел за мултиетничко, мултијазично високо образование во Југоисточна Европа. Мисијата и визијата на Универзитетот е да се промовираат меѓуетничко разбирање, повеќејазичниот и мултикултурниот пристап кон наставата и истражувањето, како и развојот на наставни програми во согласност со меѓународните и европските модели. ЦКИД е директно посветен на остварувањето на оваа визија преку своите активности и проекти. Центарот е формиран во рамките на Факултетот за ЈКК со цел да придонесе за наставата и истражувачките ресурси на Факултетот.
Цел
ЦКИД има две главни цели: академска и насочеа кон проекти. Центарот се стреми да ја олесни комуникацијата меѓу припадниците на различните културни, религиски и јазични заедници во Македонија преку поттикнување академска дебата и дискусија за важни прашања кои се однесуваат на меѓукултурниот соживот. Центарот поттикнува соработка на истражувачки проекти од областа на меѓукултурното разбирање и меѓукултурната соработка и го промовира таквото истражување преку публикации.
Центарот има за цел да го поттикне истражувањето во главните сфери на меѓукултурниот дијалог, разбирањето и соработката, да ги олесни партнерствата со клучните организации, вклучувајќи ги и универзитетите во земјава и во регионов, како и ширење на истражувањата и идеите. Центарот поканува домашни и странски предавачи, организира јавни предавања, тркалезни маси и работилници, поддржува посета на визитинг-професори и лидери на заедниците кои можат да придонесат за полесна реализацијата на целите на Центарот. За да ги постигне своите цели, ЦКИД соработува и со различни меѓународни организации од регионов и дејствува како локален партнер за невладиниот сектор и за други организации кои работат за мирот и стабилноста на Балканот.
Мисија
Мисија на ЦКИД е да ги ја олесни комуникацијата меѓу педагозите од различни институции во Македонија и во регионов, кои имаат интерес во полето на културната интеракција и дијалогот. Истовремено, Центарот се труди да го олесни дијалогот меѓу научниците од различни дисциплини преку поттикнување соработка на истражувачки проекти од областа на културните студии, а со особен интерес во сферата на меѓукултурниот дијалог.