Оваа обука е дел од активностите на проектот Транспарентност во образованието кој е имплементиран од страна на Младинскиот образовен форум, во соработка со ЈИЕУ, а е поддржан од УСАИД и Центарот за развој на образованието. Активностите од проектот Транспарентност во образованието се имплементираат од 2009 година, со поддршка на Центарот за биоетика на УНЕСКО и професорот Ментор Хамити.
Проектот има за цел да придонесе кон создавање на транспарентни високообразовни институции, преку зајакнување на институционалната и правната рамка, како и да придонесе за јакнење на етичките вредности кај сите членови на академската заедница. До сега беа релизирани различни активности: семинари, конференции, трибини, видеоконференции и јавни кампањи. Проектните активности кои се имплементираат во Македонија од страна на Младинскиот образовен форум, се дел од активностите кои останатите партнери од мрежата ги имплементираат во своите матични земји, Ерменија, Азербејџан и Украина.
Обуката за младински активисти која се одржа на 5 и 6 февруари 2011 година имаше за цел да создаде форум за отворена дискусија за подобро разбирање на проблемите со образовната корупција, причините и долгорочните ефекти од овој штетен феномен за високото образование и воопшто за општеството.
Учесниците работеа на идентификување на улогата на јавниот, на граѓанскиот и на приватниот сектор во борбата против корупцијата, како и на издвојување на специфичните одговорности на секоја од засегнатите страни во овој процес. Една од сесиите беше посветена на анализа на антикорупциските мерки и политики имплементирани во системот на високото образование во Македонија. Учесниците работеа на развивање на идеи за јавни настани и кампањи за подигнување на свеста кај студентите и пошироката јавност за проблемот на корупцијата во образованието.
По завршувањето на обуката 26 млади активисти ќе бидат вклучени во идните активности на младинските организации и универзитетите за промоција на транспарентноста и етичките вредности во високото образование во Македонија.