За време на средбата, ректорот Ибраими изрази благодарност за континуираната поддршка што Амбасадата и Кралството Холандија му ја даваат на универзитетот во текот на годините, нагласувајќи ја клучната улога на холандската влада во воспоставувањето и институционалниот развој на УЈИЕ.
„Нашиов Универзитет е успешна приказна за меѓународната заедница и, пред сè, за холандската дипломатија“, истакна ректорот Ибраими, подвлекувајќи го стратешкиот придонес на меѓународните партнери во градењето уникатен модел на високо образование во земјава.
Во контекст на актуелните случувања во високото образование, ректорот истакна дека приоритет на универзитетот останува зачувувањето на неговиот статус „sui generis“ во рамките на системот за високо образование во Северна Македонија, како уникатен модел заснован на принципите на мултиетничност, академска автономија и меѓународна соработка. Тој додаде дека УЈИЕ продолжува да ги поздравува дипломатите и меѓународните претставници, со кои има изградено трајни партнерства и обезбедено континуирана поддршка.
Во текот на средбата беа разгледани конкретни проекти што моментално се реализираат, како и можностите за продлабочување на соработката во иднина, во области од заеднички академски и развоен интерес.
Ректорот Ибраими ја информираше амбасадорката Џанел и за подготовките за одбележување на 25-годишнината од основањето на универзитетот- значаен јубилеј то ќе биде одбележан со низа академски и институционални активности во текот на оваа година.
Двете страни се согласија дека УЈИЕ претставува уникатен и успешен модел на високо образование во Северна Македонија и поширокиот регион. Универзитетот не само што успеа да остане одржлив и по исцрпувањето на меѓународните фондови, туку продолжи да се развива – како во академска и квантитативна смисла, така уште повеќе и во унапредувањето на севкупниот системски квалитет.
