Програма: |
Архитектура и дизајн (2025/2026) |
| Циклус на студии: | Втор циклус (Постдипломски) |
| Факултет: | Технички Науки |
| Код на програмата: | AD-120 |
| Академска година: | 2023 / 2024 |
| Титула: | Магистер инженер Архитект |
| ЕКТС: | 120
(2 години)
Aкредитација
|
| Решение: |
Решение за почеток со работа
|
Во вториот циклус студии по Архитектура и дизајн студентите се стекнуваат со 120 ЕКТС кредити кои се додаваат на претходно освоените 180 ЕКТС кредити (завршен прв циклус на студии), со што студентот се стекнува со вкупно 300 ЕКТС кредити. Поголемата академска и теоретска насоченост во вториот циклус на студии и зголемената комплексност на поставените задачи го надополнува претходно стекнатото образование (првите шест семестри во кои прeовладува стручна насоченост во студиите). Студентот го завршува вториот циклус на студии со положување на сите предвидени испити, завршување на обврските предвидени со предметната програма и изработка и успешна одбрана на магистерскиот труд. Магистерскиот труд од областа на архитектурата е архитектонски или урбанистички проект, и теоретско истражување на одредена тема, кои студентот ги изработува под менторство, а во времетраење од максимум една година. Вториот циклус на студии по архитектура завршува со јавната одбрана на магистерскиот труд. Овој чин води до комплетен профил на Магистер инженер архитект и пристап до професијата.
Со реализацијата на целите на студиската програма се очекува развој на професионален кадар со соодветно ниво на образование, стручна и научна подготвеност за соочување со предизвиците на просторот, изградената средина и градежништвото во Република Северна Македонија.
Студиската програма има за цел:
- да овозможи успешно образование во задолжителните компоненти и области на образованието на архитектите со висок степен на научна и стручна подготвеност;
- да овозможи соодветно ниво на отвореност за влез на идните архитекти во различни нивоа на пазарот на трудот;
- да создаде експерти од областа на архитектурата, урбанизмот и планирањето кои ќе придонесат за понатамошно развивање на професијата, научните и практичните сознанија.
Со завршување на вториот циклус на студии по Архитектура и дизајн се заокружува архитектонската едукација со современи стручни и научни сознанија на кадрите и професионалците од областа на архитектурата, урбанизмот и планирањето. Дипломираните може да работат во архитектонските проектантски и градежни компании, единиците на локалната самоуправа и други државни институции, јавни претпријатија, како и архитекти во научни установи и универзитети. Со ова се овозможува пристап до архитектонската професијата на различни нивоа и во различни области со што се нуди сеопфатен одговор на потребите на пазарот на трудот во Република Северна Македонија.
Знаење и разбирање
Покажува знаења и разбирање во полето на студирање кое се надоградува врз општото средно образование и квалификациите за влез во повисоко образование.
Покажува знаење и разбирање потребно да се анализираат архитектонските и урбанистичките проблеми и да се синтетизираат во проектантски и планерски решенија за различни степени на комплексност, размер и тип на објекти и простори.
Покажува знаење и разбирање за фунkционалните, психолошките и сетилните односи што постојат меѓу луѓето и внатрешниот простор и улогата на формата, бојата, материјалите и новите технологии во обликувањето на ентериерот.
Покажува знаење и разбирање на принципи кои се однесуваат на материјалите, конструкциите, инсталациските системи и енергетските биланси и на нивна соодветна примена во проектирањето и изградбата на објектите.
Покажува знаење и разбирање потребно за воспоставување соодветен однос кон градителското наследство во неговата заштита и ревитализација.
Примена на знаењето и разбирањето
Стекнатите знаења и разбирањето на стручните проблеми може да ги примени во подготвување основни или други видови детални проекти или документација, од сите домени на архитектонско или урбанистичко планирање.
Применува знаења и разбирање кои се темелат на познавањата на различните концепти од теоријата и историјата на архитектурата и градот и на современата теорија и практика во процесот на обликување на објектите, градовите и околината, имајќи ги предвид естетските барања, општествените потреби, како и барањата поврзани со животната средина.
Способност за проценка
Покажува способност за прибирање, анализирање, оцена и презентирање информации, идеи и концепти од целосни, некомплетни или ограничени релевантни податоци, за клучните подрачја во процесот на планирање, проектирање и реализација на објектите и просторот.
Покажува способност за избор на соодветни методи, алатки и вештини соодветни на конкретните услови и на различните степени на комплексност, размер и тип на објекти и простори.
Комуникациски вештини
Покажува способност за комуникација и умеење да се употребат графичките, напишаните и усната комуникација во служба на пренесување на сопствените идеи и потребите на корисникот во процесот на создавање и реализацијата на проекти во областите на архитектурата и урбанизмот, како и во подрачјето на заштита и ревитализација на градителското наследство.
Покажува способност за учество во стручни дискусии, користи консултации за специфични проблеми од комплементарни подрачја и умее да преземе професионална одговорност во тимот.
Вештини на учење
Покажува способност за самостојно идентификување на своите потреби за континуирана едукација и професионален развој, се вклучува во современите форми на учење и запознавање со технолошките иновации и може критички да ја оцени соодветноста на методите за учење, нивното влијание врз знаењето, вештините, компетентноста и врз практиката релевантни за неговиот професионален развој.
Семестар 1
-
[CM260]
[6 ЕКТС]
Проектирање стопански објекти
Студентите да стекнат сознанија од областа на планирање и проектирање на стопанските објекти, нивната типологија и условите за нивно програмско организирање. Запознавање со нови типологии на објекти за чување на животните [урбани фарми]. Анализирање на новите просторни и функционални концепти [хибридни содржини].
-
[CM261]
[6 ЕКТС]
Внатрешна архитектура на јавни објекти
Запознавање на студентите со дисциплината на внатрешната архитектура. Хронолошки развиток на различните концепти на обликување на внатрешните архитектонски простори.
-
[CM262]
[6 ЕКТС]
Документирање и истражување на архитектонското наследство
Запознавање на студентите со значењето и улогата на архитектот во заштитата на културното наследство (особено недвижното градителско наследство). Оспособување на студентите за: - активен однос кон градителското наследство преку теоретски и практични постапки во процесот на неговата заштита - правилен (аналитички и конструктивен) пристап при проектирањето во историска средина.
-
[CM259]
[6 ЕКТС]
Дизајн-студио V
Студентите се обучуваат за практична примена на знаењата од архитектонско проектирање на специфичните објекти од областите на културата (објекти за визуелни, музички и перформативни уметности, библиотеки и др.).
- [6 ЕКТС] Напреден изборен предмет од Архитектура и дизајн
Семестар 2
-
[CM264]
[6 ЕКТС]
Проектирање и урбанистичко обликување
Целта на предметот е студентите да се соочат со реалната комплексност на урбанистичкото обликување и градскиот феномен, да ги совладаат интердисциплинарните методи и техники за снимање и анализа на една градска ситуација и да ги применат урбанистичките методи, техники и инструменти да создадат урбанистичко решение кое ќе овозможи хармоничен просторен развој на делот од градот.
-
[CM266]
[6 ЕКТС]
Конзервација и реставрација на архитектонското наследство
Стекнување основни знаења за: - причините за деградација и пропаѓање на објектите и целините; - видовите методи за конзервација и реставрација и нивна примена; - теориско-практичните пристапи за консолидација и обновување на објектите и целините, заради нивна соодветна современа намена.
-
[CM265]
[6 ЕКТС]
Детали во внатрешно уредување
Запознавање на студентите за основната природа на внатрешниот архитектонски простор која релационистичкиот модел го зема како основа.
-
[CM263]
[6 ЕКТС]
Дизајн-студио VI
Основна цел на предметот е студентите да се соочат со реалната комплексност на градскиот феномен, да ги совладаат интердисциплинарните методи и техники за снимање и анализа на една градска ситуација и да ги употребат урбанистичките методи, техники и инструменти да создадат урбанистичко решение кое ќе овозможи хармоничен просторен развој на делот од градот.
- [6 ЕКТС] Напреден изборен предмет од Архитектура и дизајн
Семестар 3
-
[CM267]
[6 ЕКТС]
Дизајн-студио VII
Воспоставување методологија при проектирање или реупотреба на индустриски објекти и комплекси и основни постапки при разработка на проектната програма преку анализа на различни работни средини и услови. Анализирање на технолошкиот процес-промет и други функционални потреби од аспект на архитектонското проектирање.
-
[CM268]
[6 ЕКТС]
Проектирање индустриски објекти
Продлабочување на знаењата и вештините за планирање, програмирање и за проектирање на индустриските комплексни и објекти. Во рамките на предметот се изучува проектирањето на индустриските објекти, кое содржи индустриски згради, индустриски објекти од индустриската инфраструктура. Целта на предметот е студентите да се запознаат со и да се едуцираат за архитектурата на индустриското наследство; да се запознаат со принципите и методите за анализа, вреднување и пристап во проектирањето при интервенции врз зградите или објектите со потврдена архитектонска вредност. Архитектурата на индустриско наследство во рамките на предметот се изучува во контекст на техничката историја и архитектонската и архитектонско-урбанистичка практика.
-
[CM269]
[6 ЕКТС]
Дизајн на мебел
Предметот има за цел студентите да се запознаат со процесот на проектирање мебел за станбени простори преку неговото запознавање, како и совладување на поимите функција, конструкција, ергономија, економичност, обликување.
-
[CM270]
[6 ЕКТС]
Енергетски eфикасни објекти
Подобрување на енергетските карактеристики, како за нови така и за постоечки објекти, преку економско оправдани мерки. Заштеда на енергија преку планиран развој на проекти, кои на структурен и ефикасен начин, со добро разработени методи и алатки за енергетска оцена и управување со проекти, ќе им овозможат на студентите добиените знаења за принципите и методите за анализа на одредени архитектонски проблеми, посочени во тематските подрачја на предметот, како и нивно успешно имплементирање во процесот на проектирањето изведбата и реконструкцијата на објектите. Запознавање со новите технологии и материјали кои се употребуваат за остварување на новите цели поставени на ниво на ЕУ за смалување на потрошувачката на енергија и емисијата на стакленичките гасови.
- [6 ЕКТС] Напреден изборен предмет од Архитектура и дизајн
Семестар 4
-
[CM271]
[24 ЕКТС]
Магистерски труд (проект и теорија)
Овој модул им овозможува на студентите да ги пренесат своите вештини и знаења за истражување и за составување на покомплицираната задача - пишувањето на магистерскиот труд. Модулот е наменет да биде целосно практичен и студентите да ги стекнат потребните знаења, способности, вештини и доверба за да пристапат кон истражување и пишување на тезата. Модулот има единствен повратен резултат - да им овозможи на студентите да ја пишуваат магистерската теза со минимални тешкотии и со максимална ефективност. Сѐ што е предвидено е во насока на подобрување на техниките на истражување и на стилот на пишување на магистерската теза, водејќи сметка притоа за забраната со служење со недозволените средства како: плагијаторство и повреда на авторските права, кои се забранети со Статутот на УЈИЕ.
-
[CM272]
[6 ЕКТС]
Еколошки eфикасни објекти
Запознавање на студентите со основните аспекти и принципи на дисциплините на: еколошките објекти, улогата на еколошките објекти за заштита на животната средина, одржлива архитектура, био-климатска архитектура, архитектура на околината.
