Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

Официјално започнаа 16 дена активизам против родово базирано насилство - Студентите од Правниот факултет во центарот на кампањата

Правниот факултет и Институтот „Макс ван дер Штул“, во рамките на проектот ChallengeEU и групата зa отворен пристап, разновидност, еднаквост и вклучување (ODEI Оpen access diversity equality and inclusion) со активноста одржана вчера (26.11.2025 г.), во Центарот на УЈИЕ во Скопје, официјално ги отворија 16-те дена активизам против родово базирано насилство со семинарот „Портокалово за подигање на свеста: Јакнење на студентите по правни науки против родово базирано насилство“, кој оваа година се фокусираше на глобалната тема: „UNiTE (обединети) за ставање крај на дигиталното насилство врз жените и девојчињата“.

Семинарот го отвори проф. д-р Арта Меро, која ја нагласи важноста од јакнење на студентите по правни науки во справувањето со дигиталното и со физичкото насилство врз жените и девојчињата. На оваа активност присуствуваа студентите, академскиот и административниот кадар, активистите, партнерските организации и универзитетите учеснички во ChallengeEU.

На настанот присуствуваа и ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Садудин Ибраими, проректорот за планирање, истражување и претприемништво, проф. д-р Веланд Рамадани и советникот за односи со заедницата и за меѓународни односи, проф. д-р Беса Арифи, покажувајќи институционална поддршка во борбата против родово базираното насилство. Пет говорници презентираа клучни теми за психолошкото влијание, правната рамка, фемицидот, важноста на услугите за поддршка и личните перспективи на жртвите на насилство. На тема „Преродбата како чин на отпор: лични и академски перспективи за насилството врз жените“, презентираше Вилма Дуле, активистка и преживеана од родово базирано насилство. „Важноста на услугите за превенција и третман на родово базирано насилство за жртвите, сторителите и мажите во криза“, беше темата што ја презентираше Елизабета Божиновска, директорка на програмата, ХЕРА. Во однос на „Психолошките влијанија на родово базираното насилство и терапевтските интервенции за жртвите“, презентираше проф. д-р Хана Салиу од Универзитетот во Тетово.

Од Правниот факултет на УЈИЕ презентации имаа, проф. д-р Албана Метај-Стојанова на тема „Фемицид: Хроника на убиство со умисла“ и проф. д-р Ведије Раткоцери на тема „Кривична рамка за заштита од родово базирано насилство и приближување кон меѓународните стандарди“.

Беше истакната и улогата на Правната клиника „Емине Зендели“ во обезбедувањето примарна правна помош на жртвите и во практичната подготовка на студентите.

Преку оваа активност се обрна внимание дека за спречувањето на родово базираното насилство потребна е заедничка посветеност на институциите, универзитетите, организациите и самите студенти.

УЈИЕ и ChallengeEU остануваат посветени на тоа да бидат силен глас во одбраната на човековите права.

Google+