Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

УЈИЕ со комеморативен собир оддаде почит на животот и делото на проф. д-р Аслан Билали

Во организација на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, денес се одржа комеморативна средба на која се оддаде почит на животот и делото на проф. д-р Аслан Билали, еден од основачите на овој Факултет и една од најпочитуваните личности од областа на високото образование и правосудството во државава.

На овој комеморативен настан, говор одржа ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој ја пофали посветеноста на професорот Билали од основањето на Универзитетот, како и неговата клучна улога во воспоставувањето на Правниот факултет.

„Проф. Аслан Билали беше еден од првите столбови на овој Универзитет и особено на Правниот факултет. Неговиот придонес е непроценлив и останува нераскинлив дел од нашата институционална историја. Како Универзитет ја изразуваме нашата подготвеност, доколку има оставено дело во ракопис, да го преземеме неговото објавување, со што ќе го почитуваме неговото академско наследство“, рече ректорот Беџети.

За животот и делото на починатиот говореше и деканот на Правниот факултет, проф.д-р Аднан Јашари, кој емотивно евоцираше спомени од повеќегодишната соработка со проф. Билали, опишувајќи го како пример за професионална посветеност, мудрост и академска исправност.

Во име на семејството, пред присутните се обрати синот на професорот, Билал Билали, кој се заблагодари на Универзитетот за укажаната чест и почит кон неговиот татко.

Кратка биографија за неговиот живот и кариера прочита проф. Беким Нухиу, близок соработник на покојниот професор, кој сподели некои од најрепрезентативните моменти од академското патување на проф. Билали.

На оваа комеморација присуствуваа членови на семејството, колеги, студенти и бројни гости, кои со едноминутно молчење оддадоа почит на една од најзначајните личности во правното образование во земјава.

Google+