Пред предавањето, амбасадорката Агелер оствари средба со ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, придружуван од проректорката за меѓународна соработка и за истражување, проф. д-р Беса Арифи.
Ректорот Беџети ѝ се заблагодари на амбасадорката за посетата и за постојаната поддршка од САД за развојот на УЈИЕ, нагласувајќи ги придобивките од партнерствата со американските универзитети.
„Им се заблагодарувам на американските даночни обврзници за поддршката иза континуираната помош, не само во инфраструктурата, туку и во суперструктурата, овозможувајќи 1/3 од кадарот да бидат дел од студиските програми на различни американски универзитети и да ја изградат својата меѓународна кариера“, изјави ректорот Беџети.
Од своја страна, амбасадорката Агелер ја истакна важноста на УЈИЕ како образовен партнер на САД.
„Почестена сум што сум овде и многу ми е драго што се среќавам со студентите. УЈИЕ како образовен партнер со години пречекува многу Фулбрајт стипендисти и е најголем придонесувач во академската размена меѓу двете земји“, изјави амбасадорката.
Во своето предавање, амбасадорката Агелер зборуваше за значењето на високото образование во изградбата на развиено општество и за клучната улога што ја имаат младите во справувањето со глобалните предизвици. Таа ја нагласи континуираната поддршка на САД за Северна Македонија во демократските и во интеграциски тепроцеси.
Студентите имаа можност да постават прашања до амбасадорката Агелер, кои опфатија теми од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија, глобалните предизвици и улогата на младите во промовирањето на мирот и на стабилноста.
На крајот од предавањето, во знак на благодарност, во име на студентите, претседателот на Студентското собрание, Мевлан Адеми на амбасадорката Агеле, ѝ врачи плакета со амблемот на УЈИЕ, како знак на признание за континуираната поддршка што Амбасадата и амбасадорката им ја даваат на младите.
Оваа активност ја одразува заедничката посветеност на Амбасадата на САД и на Универзитетот на Југоисточна Европа за развој на образованието и за зајакнување на меѓународните партнерства.
