Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

Над 100 научни трудови на 6. меѓународна научна конференција за бизнис и економија

Реномирани меѓународни истражувачи и истражувачи од регионов и земјава учествуваа на 6. меѓународна научна конференција за бизнис и економија со клучна тема „Економско закрепнување, консолидација и одржлив раст: од криза во криза, докази, дискусии и перспективи“ што се одржа денес (12.05.2023 година), на Универзитетот на Југоисточна Европа, во организација на Факултетот за бизнис и економија.

Главни говорници на конференцијата беа познатите меѓународни експерти: проф. Лео –Пол Дана, ICD Business School of Paris, Groupe IGS, Франција, д-р Леон Ајзен, иноватор и претприемач во GSD Venture Studios, GVI Ventures и Network VC, како и проф. Андреа Капуто, професор на Универзитетот во Тренто, Италија и на Универзитетот Линколн, Обединетото Кралство.

Конференцијата ја отвори ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој им се заблагодари на сите учесници, особено на истражувачите кои придонеле со своите трудови, кои се повеќе од 100, од различни области и теми.

„Со задоволство ве информирам дека денешната конференција има целосен меѓународен карактер, бидејќи никогаш досега не сме имале толку големо присуство на меѓународни истражувачи, не само со учество, туку и со конкретен придонес со научни трудови. Истражувањето на Универзитетот на Југоисточна Европа е една од главните цели во Универзитетската стратегија, каде што сме многу успешни“, рече меѓу другото ректорот Беџети.

Деканот на Факултетот за бизнис и економија, проф. д-р Хирије Абази - Алили воедно им се заблагодари на сите учесници и на сите вработени кои придонесоа за организација и непречено одвивање на Конференцијата.

„Нашата главна идеја за организирање конференции беше да се осврнеме на навистина актуелни теми, како што е темата на оваа конференција. Нашата цел отсекогаш била да се занимаваме со предизвикувачки и интердисциплинарни теми“, рече меѓу другото деканот Абази-Алили.

Во однос на организацискиот аспект и димензиите на конференцијата, како и податоците поврзани со постигнатите резултати на шесте досега организирани конференции, проф. д-р Веланд Рамадани се осврна во својство на организационен секретар на Конференцијата.

„Почетоците беа тешки, но конференцијата порасна по обем и учество, исто како што порасна и самиот Универзитет. Иновацијата на оваа конференција е што за прв пат научните трудови ќе бидат објавени во зборници на Springer во бизнис и економија индексирани во Scopus“, рече проф. Рамадани.

На пленарната седница презентираа главните говорници, проф. Лео-Пол Дана, на тема „Водење надвор од сегашната криза: еволуирачки парадигми“, д-р Леон Ајзен, на тема „Квантно деловно размислување: мапирање на идниот успех, денес“ и доц. д-р Андреа Капуто, на тема „Кое е влијанието на претприемништвото? Дискусија на состојбата и отворени прашања за одржливоста“.

Конференцијата се реализираше во 5 пленарни сесии на теми како што се: Економско закрепнување, консолидација и одржливост; Економија и финансии; Претприемништво, иновации и семеен бизнис; Менаџмент и маркетинг; Информациски системи, наука за податоци и вештачка интелигенција.

Google+