COVID-19 Information and Protocol

Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

Дебата за енергетската и инфлационата криза во организација на Студентското собрание и асоцијација

„Енергетска и инфлациона криза“, беше темата на панел -дискусијата, организирана од Студентското собрание и асоцијација, што се одржа денес (18.10.2022 год.), на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Панелисти на оваа дискусија беа: ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, поранешниот премиер, во својство на бизнисмен - Зоран Заев и деканката на Факултетот за бизнис и економија, проф. д-р Хирије Абази.

Во своето излагање, ректорот Беџети се заблагодари на поранешниот премиер Зоран Заев и на Студентското собрание и асоцијација што овозможија да се организира оваа дебата, прва од серијата дебати што ќе се одржуваат во иднина, на кои ќе се сретнат бизнисмени и академици за да ги презентираат своите ставови и експертизата за важните општествени прашања.

Во своето излагање, пред да зборува како панелист, ректорот Беџети му се заблагодари на поранешниот премиер Заев што го одржал ветувањето и обезбеди поддршката за Универзитетот од Владата.

„Поранешниот премиер Заев, по повод мојата инаугурација за ректор пред 4 години, даде јавно ветување каде што рече „вие обезбедете квалитет, ние ќе ја дадеме нашата поддршка“. Денес, сакам јавно да му се заблагодарам што го одржа ветувањето, бидејќи политичарите ретко ги исполнуваат ветувањата. Му благодарам не само што го одржа ветувањето, туку и што оваа поддршка која Универзитетот ја прераспредели во форма на стипендии, влијаеше и на зголемување на бројот на пријавени студенти, во услови кога сите трендови во државава се во опаѓање. “, нагласи ректорот Беџети.

Како панелист и експерт во областа, академик Беџети се задржа на неколку важни компоненти на актуелната енергетска и инфлациона криза. Тој го потенцираше значењето на општествената одговорност на големите компании, кои треба да се однесуваат сосема рационално во поскапувањето и да не ја искористуваат ситуацијата. Исто така, во врска со кризата што настана, ректорот Беџети истакна дека нѐ не затекна изненадени бидејќи ги знаеме капацитетите за производство на енергија и дека во изминатите 30-40 години многу малку сме инвестирале во енергетскиот сектор. Во однос на енергетските мерки, тој го истакна своето барање и инсистирање да се воспостави скалест систем, односно поделба по категории на потрошувачка на електрична енергија, каде цената на највисоката категорија е со тројно зголемена цена. Како соодветна ја оцени владината мерка за субвенционирање на социјалните категории за плаќање струја и помошта дадена за справување со кризата.

Поранешниот премиер, а сега бизнисмен, Зоран Заев, зборуваше за своето искуство како премиер во справувањето со кризи и за сегашното искуство како бизнисмен за тоа како треба да реагираат институциите од една и бизнисите од друга страна. Пред да зборува за своето искуство, вели дека има посебно чувство кога го посетува Универзитетот на Југоисточна Европа.

„Го сакам овој Универзитет, бидејќи ја претставува Македонија во мало. Универзитетот претставува мултикултурна, мултиетничка и меѓународна средина. Овде ги имаме нашите деца и на почетокот на мојот мандат ја имав честа да ви се обратам и верувам дека парите што ви се враќаат во вид на стипендија се инвестиција со која се гордеам“, нагласи Заев.

Зоран Заев како бизнисмен го опиша актуелниот економски амбиент во државава, споредувајќи го со неговото искуство како политичар. Тој рече дека во многу аспекти државава оди во добра насока и за тоа говорат резултатите. Тој спомена некои инвестиции кои се најавени и направени во енергетската сфера и кои очигледно ќе влијаат на справувањето со енергетската криза.

„Наша среќа е што очекувањата беа доста песимистички за кризата, но тие веќе се сменија и од информациите што ги имам, имаме стабилизирање на енергетскиот пазар и тоа е благодарение на општествената одговорност на Европската комисија, која донесе одлука за примена на замрзнување на цените на енергенсите на електрична енергија“, рече бизнисменот Заев.

Деканката на Факултетот за бизнис и економија, проф. д-р Хирије Абази, се фокусираше на инфлациониот аспект на кризата. Сите економии имаат одредено количество книжни пари и ако се дојде до прекумерна емисија на истите, може да дојде до губење на вредноста на парите. Во оваа ситуација имаме повеќе пари, нивната вредност е помала и следствено се губи куповната моќ во насока на потрошувачите и домаќинствата.

Во име на Студентското собрание и асоцијација, говор одржа претседателот Агрон Демири, кој им се заблагодари за учеството на панелистите, особено на поранешниот премиер Заев, кој секогаш ги поддржувал иницијативите кои доаѓале од студентските здруженија.

На крајот присутните студенти и вработени поставија прашања и развија дискусија за енергетската криза и мерките кои се преземаат и кои треба да се преземат за да помине со најмали последици по стандардот на граѓаните и економијата на државава.

Google+