Во својство на главен говорник, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети ја презентираше темата „Управување и менаџмент на Универзитетот – специфики и перформанси“. Тој зборуваше за Универзитетот на Југоисточна Европа, за начинот на неговото основање, за статутот, автономијата, финансирањето и отчетноста.
„Моделот на управување на УЈИЕ е специфичен за нашиот најблизок регион бидејќи се заснова на американското и на западноевропското искуство од неговото формирање, особено во градењето капацитети. Главните принципи на управување со образовните институции се транспарентност, отчетност, ефикасност и ефективност и ако не ги применуваме овие принципи тогаш немаме добро управување“, рече меѓу другото ректорот Беџети во своето излагање, кое беше проследено со бројни дискусии и прашања.
Проректорот за меѓународна соработка и истражување на УЈИЕ, проф. д-р Беса Арифи ги поздрави претставниците на универзитетскиот конзорциум во рамките на проектот, нагласувајќи дека УЈИЕ е најдобар пример за управување со универзитет.
„Ние го сметаме проектот СТАНД за многу важен столб за идниот развој на капацитетите и алатките за автономија и лидерство на универзитетите, особено во однос на нивните финансии и управувањето“, рече проректорот Арифи.
На настанот присуствува и Томас Естерман, директор за управување, финансирање и развој на јавни политики во Европската универзитетска асоцијација (ЕУА), како и заменик директорката Енора Бенетот Прувот.
Поздравен говор во името на тимот за управување со проектот СТАНД, одржа проф. д-р Јелена Ѓокиќ од Универзитетот ИБЦ во Митровица.
Проф. д-р Бујар Галопени, од Универзитетот ИБЦ од Митровица зборуваше за целите и задачите на проектот.
Работилницата се реализира во пленарни сесии каде се презентираат трудови и се обработуваат конкретни теми поврзани со главната тема.
На работилницата учествуваат универзитети од регионов, како што се: Универзитетот Хасан Приштина, Универзитетот во Тирана, Универзитетот Кадри Зека, Универзитетот за применети науки од Урошевац, Универзитетот Фехми Агани, Универзитетот Александар Мосиу, Универзитетот Полис и Универзитетот на Црна Гора, како и претставници на Универзитетот во Хамбург, Универзитетот во Фоџа и Универзитетот во Загреб.