На конференцијата присуствуваа познати експерти од областа и раководители на јавни институции, како што се: министерот за финансии, проф. д-р Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација, м-р Адмирим Алити, Шќипе Незири-Вела од Американскиот универзитет на Косово (РИТ) и проф. д-р Невен Дуиќ, од Универзитетот во Загреб.
Конференцијата ја отвори ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој зборуваше на тема „Зелена економија“.
„Нашата дилема кога решивме да ја дефинираме темата на конференцијата беше дали сме подготвени да изработуваме научни трудови на оваа тема. Разговаравме за ова прашање и во Советот на факултетот и мојот предлог беше да тргнеме од нешто. Така го промовираме ова иако доцниме во споредба со светските трендови, особено во Западна Европа. За таа цел поканивме високо почитувани говорници, како што е проф. Дуиќ од Машинскиот факултет“, рече ректорот Беџети во воведното обраќање.
Улогата на универзитетите е клучна за третирање на ова прашање и за справување со потребите, а задачата на политиката и на јавните институции е да направат се што е во нивна можност. Науката и политиката мора да соработуваат и да најдат компромис за да го изберат најсоодветниот модел на зелена економија, рече ректорот Беџети.
Ректорот Беџети презентираше резиме со емпириски податоци за актуелните состојби во земјава, регионов и светот во однос на активностите што ги преземаат меѓународните институции и организации, со посебен акцент на Северна Македонија и регионов.
Министерот за финансии Фатмир Бесими имаше презентација на тема „Финансиите и одржливоста“, каде ја истакна важноста од финансиската одржливост за зелената економија.
На тема „ИКТ и животна средина“ презентација имаше министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, кој ја истакна важноста на ИКТ во унапредувањето на животната средина.
Шќипе Незири - Вела, презентираше на тема „Жените, лидери на енергетската транзиција“, на која беа презентирани податоци за улогата на жените и нивното учество во енергетските регулаторни институции во Косово.
Проф. д-р Невен Дуиќ од Универзитетот во Загреб, зборуваше на тема „Енергетска транзиција и зелена економија“, каде презентираше податоци за зависноста на земјите од регионов од обезбедувањето енергетски ресурси и ја покажа насоката на која треба да се ориентираат локалните економии.
Академскиот кадар од ФБЕ и ФСНТ презентираа научни трудови со конкретни податоци за улогата на науката во подобрувањето на животната средина и влијанието на еколошките мерки врз локалната и светската економија.