Меморандумот го потпишаа ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска - Бежовска. Дел од делегацијата на Народна банка која беше во посета на УЈИЕ беше и заменик-гувернерот Фадил Бајрами.
„УЈИЕ е свесен за образовната и за истражувачката улога во човечкиот и во општествениот капитал, ја одржува и ја развива сè поголемата посветеност да придонесе за најважната и најпредизвикувачка компонента во моментов, онаа на човечките ресурси, не само во квантитативна смисла, туку пред сè во квалитативна, исто така и определување на неопходните профили со специфични знаења за пазарот на трудот.”, рече ректорот Беџети.
Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ со години ја реализира практиката со визитинг предавачи од областа, особено со експерти од Народната банка, но денес постојната соработка ја официјализираме со конкретни активности, каде што кадарот на Народната банка и академскиот кадар на УЈИЕ ќе дадат конкретен придонес за дизајнирање нови студиски програми за потребите на макроекономската политика, монетарниот и финансискиот систем, кои ќе се реализираат преку организирање состаноци, тркалезни маси, консултации и други форми на соработка.
„Ова уште еднаш сведочи за силната определба на Универзитетот да понуди квалитетни студиски програми засновани на цврста анализа и поддржани од пошироката заедница и од релевантните институции во земјава.”, истакна ректорот Беџети.
„Секогаш е добро време за да се посветиме на градењето на човечкиот капитал. Формалното образование игра значајна улога во подигнувањето на продуктивноста на една економија. Пренесувањето на праксата во образованието, како и континуираното учење низ професионалната кариера се од особена важност. Централната банка, како институција која спроведува истражувачка и аналитичка работа, гради партнерства со кои ќе придонесе во оваа насока. Преку соработката со високообразовните установи, како Универзитетот на ЈИЕ, сакаме да креираме синергија, преку која нашите вработени ќе бидат поддршка за нивната основна цел – образовната дејност, додека професорите од ЈИЕ ќе бидат поддршка во дел од нашите истражувања“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Меморандумот предвидува ангажман на експерти од Народна банка во својство на гости-предавачи на Универзитетот на Југоисточна Европа, вклучување на студентите во програми за интершип во Народна банка и неколку други заеднички активности .
