Ова софтверско решение беше презентирано (23. јануари 2019) на настан организиран од Технолошкиот парк на УЈИЕ во Тетово. На овој настан се презентираа резултатите од избраните проекти во рамките на јавниот повик за финансирање на проекти кој има за цел намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини и е насловен „О2 Предизвик“.
Претставниците на Технолошкиот парк во рамките на овој проект создадоа онлајн веб калкулатор, кој ќе направи споредби во однос на нивото на загадувањето во зависност од системот за греење што го користат семејствата. Во втората фаза од проектот ќе се создаде нов бизнис модел кој ќе обезбеди финансиско олеснување на домаќинствата кои ќе одлучат да купат еколошки системи за греење.
На овој настан, исто така, присуствуваа г. Јован Деспотовски - директор на Фондот за иновации и технолошки развој, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, г. Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Тетово, г-ѓа Теута Арифи.
Во рамките на оваа активност, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули оствари средба со ректорот на УЈИЕ, акад. проф.д-р Абдулменаф Беџети, каде што зборуваше за досегашната соработка и конкретизација на заеднички проекти во смисла на придонес кон намалување на загадувањето на воздухот. Ректорот Беџети зборуваше за важноста и за конкретните активности кои УЈИЕ ги реализираше за заштита на животната средина, со што стана првиот кампус во регионов со нулта емисија на јаглерод диоксид.
