На Конференцијата учествуваа научници од областа на политичките науки и меѓународните односи, поранешни пратеници и професори од Македонија, Косово, Србија и од Чешка.
Конференцијата ја отвори проректорот на УЈИЕ за академско планирање и дигитализација - проф. д-р Владимир Радевски, кој рече: „За нас е задоволство да собереме важни имиња од областа на политиката и науката на нашиот Универзитет“. На отворањето на настанот се обратија деканот на Факултетот за современи општествени науки - проф. д-р Мемет Мемети и координаторот на Конференцијата - проф. д-р Хасан Јашари.
На Конференцијата беа презентирани научни трудови за почетоците на плурализмот и создавањето на првите албански партии во Македонија, истакнувајќи ги клучните моменти поврзани со политичкиот и со економскиот контекст на Македонија.
Конференцијата се одржа во пленарни сесии, овозможувајќи им на учесниците да дебатираат и да споделат идеи за почетоците на демократијата во Македонија, споредувајќи ги со политичките моменти во Македонија и на целиот Балканот воопшто.
Пратениците од македонскиот парламент ги презентираа документите за почетоците на плурализмот и демократските движења на Албанците во Македонија. На Конференцијата беа разгледани теми за создавање на првите демократски медиуми и за еднаков регионален развој во Република Македонија, како и други теми од различни аспекти поврзани со почетоците на плурализмот во Македонија и во регионов.
Предадените трудови ќе бидат објавени во зборникот на Конференцијата.
