Во свечена атмосфера, пред присутните продефилираа студентите од седумте факултети на Универзитетот, а за првпат дел од академската поворка беа и студентите од Факултетот за технички науки, што претставува посебен момент во историјата на Универзитетот.
Церемонијата ја отвори претседателот на Одборот на УЈИЕ, проф. д-р Клаус Тохтерман, кој ја поврза симболиката на 22-та генерација со мисијата на Универзитетот.
„Бројот 22 се смета за еден од најмоќните броеви што може да ги претвори сите соништа и желби во реалност. Ова прекрасно се одразува во мисијата на УЈИЕ: Bringing Knowledge to Life – Оживеј го своето знаење. УЈИЕ веќе многу години образува талентирани млади луѓе во широк спектар на дисциплини и ги подготвува за нивните идни кариери. Со знаењето стекнато на УЈИЕ, сите студенти и членови на персоналот можат да ги остварат своите соништа“, истакна проф. д-р Тохтерман.
Обраќајќи им се на апсолвентите, ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Садудин Ибраими, ја нагласи важноста на оваа генерација, која дипломира во пресрет на големиот јубилеј на Универзитетот.
„22-та генерација е посебна генерација. Вие дипломирате во многу значајна година за Универзитетот на Југоисточна Европа. Во ноември, нашиот Универзитет ќе одбележи 25 години од своето постоење. Тоа претставува четврт век квалитетно образование, академска работа, институционален развој и посветеност кон студентите“, рече ректорот Ибраими, нагласувајќи дека УЈИЕ е изграден врз вредностите на знаењето, инклузивноста, дијалогот и меѓусебното почитување.
На присутните им се обрати и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која им честиташе на студентите за нивните достигнувања и ги охрабри да придонесат кон развојот на државата.
„Ви посакувам упорност и успех во надминувањето на идните предизвици. И Универзитетот и ние го очекуваме вашиот придонес во обликувањето на иднината на оваа земја. Тоа значи да останете тука и овде да ја барате можноста за успех, а јас сум сигурна дека ќе ја пронајдете“, истакна министерката Јаневска, изразувајќи благодарност и до професорите за нивниот придонес во унапредувањето на образованието и науката.
Во име на најдобрите студенти од секој факултет се обрати студентот на генерацијата од Факултетот за бизнис и економија, Илир Душку, кој ги сподели своите емоции и благодарност до семејството, пријателите и колегите.
„Оваа диплома и ова признание не се само мои; тие се плод на љубовта, жртвата и довербата што ми ја подаривте во текот на целиот овој период. Им благодарам и на моите пријатели и колеги, со кои не ги споделувавме само испитите, туку и предизвиците, радостите и најубавите спомени од студентскиот живот“, рече Душка.
Церемонијата ја водеше Арбра Сулејмани а засвечената атмосфера се погрижија тетовскиот пејач Рилинд Алимани, професорот на УЈИЕ и познат пејач Аѓим Пошка, кој ја изведе универзитетската химна „Гласот на знаењето“, како и Јетон Пустина заедно со градскиот хор и триото за класична музика.
Свечената церемонија на апсолвентите на 22-та генерација уште еднаш ја потврди посветеноста на Универзитетот на Југоисточна Европа кон подготовка на успешни професионалци, подготвени да се соочат со предизвиците на иднината и да придонесат за развојот на општеството.
