
„Реперкусии од процесот на децентрализација на општините девет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор“ беше темата на конференцијата која се одржа во вторник (28 септември 2010 година) на Универзитетот на ЈИЕ во организација на Институтот за демократија и развој. Главни говорници на оваа конференција беа: градоначалници од неколку општини во Република Македонија, владини претставници и експерти од областа на локалната самоуправа.
„Процесот на децентрализација е еден од главните столбови на Рамковниот договор. Придонесот на владата, локалната самоуправа, невладините организации и граѓанскиот сектор е многу важен во овој процес“ рече вицепремиерот Абдулаќим Адеми.
Некои од присутните градоначалници на конференцијата изјавија дека процесот на децентрализација стагнира.
„Мораме отворено да кажеме дека сите активности и капитални инвестиции во локалните институции се во надлежност на владата, што значи дека Владата одлучува за инвестициите во снабдувањето со вода и санитарните услови во училиштата, спортските сали, изградбата на патишта итн. Во овој случај, општините се целосно во пасивна позиција. Тие немаат надлежност врз сопственоста на земјиштето и шумите, на водата и на пасиштата", рече градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи.
За проблемите со кои се соочуваа локалната власт зборуваа и градоначалниците на: Кисела Вода, Охрид, Желино, Арачиново, претставникот на Општина Тетово и поранешниот министер за локална самоуправа Џемали Саити.
Присутните ја истакнаа потребата за соработка помеѓу локалната и централната власт.
Институтот за демократија и развој постојано организира разни конференции на кои учествуваат познати имиња од политичкиот живот.