„Вие сте амбасадори на нашиот Универзитет секаде кај ќе работите и делувате. Со вашата диплома не се претставувате само себеси, туку и универзитетот каде сте студирале“, рече ректорот Алајдин Абази на пораката посветена на апсолвентите. Тој им порача на апсолвентите „никогаш не заборавете дека иднината им припаѓа на тие кои поседуваат знаења а вие преку вашата жед за знаење ќе помогнете нашето општество да се справи со предизвиците на времето“.
Претседателот на Одборот на ЈИЕУ, Денис Фарингтон, на денешната свеченост ја истакна важноста на студирањето на Штуловиот универзитет и упати благодарност до ректорот академик Алајдин Абази за неговата севкупна работа која како што рече, резултирала со нивниот успех и успехот на студентите кои веќе се имаат стекнато со дипломи од овој Универзитет.
„Можам да зборувам со часови за придонесот на Алајдин Абази. Во оваа прилика би сакал накратко да му се заблагодарам за неговата севкупна работа која резултираше со вашиот успех и успехот на стотици други студенти“, рече претседателот на Бордот Денис Фарингтон.
Меѓу присутните гости на церемонијата беше и Мајкл Фриц, директор на УСАИД во РМ кој ја истакна помошта на УСАИД за поддршка на овој Универзитет која се состоела од оперативни трошоци, развој на инфраструктура, опрема за зајакнување на академските вештини преку развојот на наставните програми и кадар, доделување на стипендии за студентите на кои им била потребна финансиска помош а ги исполнувале академските критериуми.
Во вториот дел на церемонијата зборуваше амбасадорот на Албанија во Македонија, Арбен Чејку, кој ја истакна важноста која овој универзитет ја има во промовирањето на квалитетно образование во Македонија.
„ Некој може да каже дека контингентот на оние кои дипломираат денес, во однос на регионот, на Европа или на светот, е една мала група. Но, доколку се спореди со осумгодишната историја на овој универзитет, со квалитетот на овие ученици и со потребите на Македонија и регионот за младите интелектуалци овој број е многу голем и многу важен“, рече амбасадорот Чејку.
Возбудата на апсолвентите беше најголема за време на најсвечениот момент кога тие ги примаат сертификатите за завршено високо образование.
Во рамките на церемонијата беа прогласени двајца најдобри студенти на генерацијата Арбреша Азари и Александар Петровски. Исто така од секој факултет бе прогласени по двајца најдобри студенти на кои им беа доделени признанија.
Ексклузивно за универзитетот и церемонијата со пригодна фолклорна програма се претстави фолклорната група „Чипини” од Валона, Р. Албанија.
Овој универзитет е еден од првите кој во Република Македонија почна да ги практикува препораките на Болоњската декларација и најдобрите искуства во европското образование.