На традиционалната средба организирана специјално за бруцошите, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети им посака добредојде во големото семејство на УЈИЕ. Тој им порача на новите студенти да бараат и да ги искористат сите ресурси што Универзитетот ги има на располагање.
„Имате отворена врата за секоја академска и административна единица, дури и за мене како ректор, за какви било информации што ви треба, за помош и каква било неизвесност, но не и за преодни оценки, бидејќи оценките ќе ги добиете според индивидуалната заслуга и посветеност. ,,Студентот е во центарот на вниманието, и тоа не е реторика, не е изјава, туку суштината поради која УЈИЕ расте секоја година“, истакна ректорот Беџети.
„Во јавните институции во целата земја, во сите компании, во сите институции, во сите невладини организации, сите меѓународни мисии има многу поранешни студрнти (алумни) на УЈИЕ како вработени, бидејќи тие имаат предности што другите ги немаат, од многу аспекти и главно во вашите технички и технолошки вештини, лингвистички, интеркултурни и особено владеењето на англискиот јазик, но и на локалните јазици. Тука сте подготвени да бидете граѓани на Обединета Европа“, рече меѓу другото во своето поздравно обраќање - ректорот Беџети.
Во својот говор, претседателот на Студентското собрание и асоцијација Мевлан Адеми, на студентите им посака успешен почеток во оваа нова фаза од нивниот живот.
„Ви предлагам максимално да го искористите вашето време овде во УЈИЕ. Годините на студирање минуваат многу брзо и не пропуштајте никаква можност да создадете нови врски и да стекнете искуства кои ќе ви помогнат во текот на студентското патување“, нагласи Мевлан Адеми.
Денес, се одржа средба и со новите студенти во Кампусот на УЈИЕ во Скопје, на која се обрати проф. д-р Веланд Рамадани, директор на Кампусот на УЈИЕ во Скопје и претседателот на Студентското собрание и асоцијација.
Во рамките на Ориентационата недела, на новите студенти им се даваат инструкции да се запознаат со инфраструктурата на Универзитетот, да им се овозможат студентски идентификациски картички, да го состават распоредот, како и да се запознаат со советниците за студенти и со административните служби на Универзитетот.
