„Секој од вас, патуваше овие години на свој посебен начин, полн со спомени од предавањата, професорите, испитите, забавите ... кои ви оставија посебни траги и ова е убавината на животот. Заеднички именител за сите вас денес се задоволството, емоциите и позитивната енергија што ја носите и во која треба да уживате!“, рече ректорот акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети.
Вие сте најсилен социјален, професионален и интелектуален капитал со кој оваа институција придонесува интелектуално во нашево општество. Нема друг проект, за овие три децении на социјална, политичка и економска транзиција што толку многу придонесе за секоја индивидуа, за вашите семејства и за општеството воопшто.
Вашата диплома претставува најверодостоен пасош за западниот пазар да продолжите не само со академскиот и со професионалниот развој, туку и да аплицирате на пазарот на трудот.
„Ја разбирам, но не ја оправдувам вашата склоност за да одите на Запад по секоја цена! За оние кои знаат и сакаат, бидете сигурни дека дури и тука можете да заработите и да живеете добро. Дотолку повеќе во годините што доаѓаат. Денес сме членка на НАТО и со статус на преговори за ЕУ, што претставува добра перспектива и можност, но и предизвик за поквалитетна конкуренција, каде што знаењето и компетенциите ќе бидат клучот за успехот во вашата кариера“, им порача ректорот на апсолвентите.
„Која насока и да ја изберете, ви посакуваме добро здравје и успех. Вратата низ која ќе излезете денес (во фигуративна смисла на зборот) останува засекогаш отворена за сите вас, а еден ден ако даде Господ, дури и за вашите деца “, рече меѓу другото во својот говор, ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети.
Директно, преку он-лајн платформа, апсолвентите ги поздрави и новиот претседател на Одборот на Универзитетот, проф. д-р Клаус Тотерман.
„Од денес започнува нова фаза од вашиот живот, која можете да ја наречете почеток на вашиот успех и кога ќе го напуштите Универзитетот денес, ве молиме секогаш запомнете ја мисијата на УЈИЕ: „Оживеј го знаењето“. На УЈИЕ ве обучија за вашата област и сега имате мисија да го пренесете своето знаење во светот и другите да имаат корист од тоа. Вам и на сите кои сте денес тука ви посакувам успех во исполнувањето на вашите цели.“, рече Тотерман.
За уметничкиот дел од церемонијата се погрижија познатите уметници Венера Лумани и Линди Ислами.
Церемонијата се одржа само во присуство на апсолвентите, без присуство на родители и публика.
Поради пандемијата со Ковид -19, компанијата Арбериа дизајн придонесе во организирањето на церемонијата, што покриваше дел од трошоците за Церемонијата на дипломирање.