Рецензентите проф. д-р Изет Зеќири и проф. д-р Насир Селми книгата ја оценија како пионерски научен труд во полето на малиот бизнис и претприемништвото во Македонија, а од содржински аспект рекоа дека истата е пишувана според најсовремените светски стандарди.
Авторот, доц. д-р Вељанд Рамадани, говорејќи за денешните предизвици со кои се соочуваат претприемачите, нагласи: „Во ова динамично време, проследено со многу турбуленции, тешко е да се биде претприемач, да иницираш и да менаџираш деловни активности, да ја предизвикаш иднината. Но, духот на претприемачот е таков што, пречките ги претвора во можности, а, ако избегне некоја можност, тој посегнува по друга. Неслучајно Винстон Чурчил не` советува дека “до успехот може да се стигне и преку неуспесите, но под услов да не го изгубиме ентузиазмот“. Со други зборови кажано, желбата за успех мора да биде поголема од стравот од неуспехот.
Коавторот на книгата,проф. д-р Бобек Шуклев пред присутниот аудиториум истакна дека овој научен труд е резултат на 15-годишната соработка со доц. д-р Вељанд Рамадани и затоа истиот изобилува со богата содржина и квалитативни примери и практики од сферата на малиот бизнис и претприемништвото. Проф. Шуклев рече дека оваа книга е посветена на студентите, научните работници и претприемачите и дека истата на јасен и разбирлив начин нуди една слика за малиот бизнис, неговите предности, слабости и придобивки, главните предизвици и проблеми со кои се соочуваат претприемачите, начините на организирање на еден бизнис, иновациите и соочувањето со конкуренцијата, изворите на финансирање, пласманот на продуктите и информирање на потрошувачите.
Проф. д-р Бобек Шуклев и професор на Економскиот факултет во Скопје и член на Италијанската академија на науките, додека доц. д-р Вељанд Рамадани е професор на Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ. Ова е 32-ра книга на проф. Шуклев и 8-ма на проф. Рамадани.
