„Оваа соработка ќе опфати развој на заеднички проекти и иницијативи, размена на најдобри практики и истражување на други области од заеднички интерес во образованието и научното истражување“, истакна ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети.
Официјалната церемонија за потпишување се одржа на 1 јули 2025 година во кампусот на УЈИЕ во Тетово, за време на првата посета на г-ѓа Кети Харви – заменик-деканка за глобални мрежи и иновации при Saïd Business School. Меморандумот беше потпишан од ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и од проф. д-р Хирије Абази-Алили, деканка на Факултетот за бизнис и економија. На состанокот присуствуваа и новоизбраниот ректор, проф. д-р Садудин Ибраими и проректорката за меѓународна соработка и истражувања, проф. д-р Беса Арифи.
За време на нејзината посета на УЈИЕ, г-ѓа Харви имаше богата агенда активности, вклучувајќи средби со раководството на универзитетот, студенти и академскиот кадар.
Во предавањето одржано со студентите, г-ѓа Харви сподели искуства и сознанија за најновите трендови во глобалното образование за бизнис, улогата на иновациите и поттикнувањето на претприемништвото во модерната ера. Предавањето беше проследено со интерактивна сесија со прашања и одговори, овозможувајќи директен и инспиративен дијалог со учесниците.
Изразуваме благодарност до г-ѓа Кети Харви, д-р Џонатан Рејнолдс, проф. Хирије Абази и проф. Беса Арифи за нивната посветеност во реализирањето на оваа соработка. Посебна благодарност упатуваме до г-ѓа Селвије Шакири за нејзината улога во професионалните преговори кои доведоа до оваа спогодба.
Ова партнерство претставува значаен чекор во натамошната интернационализација на УЈИЕ и проширување на соработката со една од најпознатите бизнис школи во светот – Saïd Business School, University of Oxford.
