„Среќни сме како Универзитет што во рамките на проектот на едно место собравме обемна експертиза од различни институции, јавни и академски, приватниот сектор, но и граѓанскиот сектор. Овие институции се повеќе ќе бидат предмет на потенцијални сајбер напади“, рече меѓу другото во својот говор ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој им се заблагодари на учесниците за придонесот на оваа многу предизвикувачка и актуелна тема.
Во име на американската амбасада, на присутните им се обрати Марлен Нис, од Канцеларијата за односи со јавноста, која ја истакна поддршката и помошта што САД ја даваат во надминување на сајбер предизвиците за земјите од Западен Балкан.
„Универзитетот на Југоисточна Европа и Амбасадата на САД имаат долга историја на соработка. Она што го изградивме овде како форма на соработка претставува најдобар случај, особено врските создадени помеѓу овој Универзитет и Универзитетот во Индијана. Исто така, како што сум информирана УЈИЕ е дом на најголемиот број Алумни од американските универзитети реализирани преку програми за размена“. рече меѓу другото Марлен Нис.
„Досега многу малку е инвестирано во развој на експертиза во ИТ-секторот и денес експертите од овој сектор ќе бидат обучени за предизвиците на сајбер нападите и доколку се случат како да се соочат со нив и да изнајдат решенија“, истакна проректорот за академско планирање и дигитализација, како и одговорен на проектот, проф. д-р Адриан Бесими.
Обуката се одвиваше во три работни сесии на теми: Предизвици на Владата, Соработка помеѓу различни сектори и Студии на случај од компании.
