Рангирањето беше објавено и официјално во петокот (17 февруари 2012), од Министерството за образование и наука на Република Македонија.
„Со ова рангирање се потврдуваат и се оправдуваат нашата мисија, поддршката и посветеноста кои ни ги доверуваат САД, Европската унија и другите европски држави. Притоа се потврдува дека и во овој регион може да се основа високообразовна институција која ги исполнува меѓународните стандарди. Сакам да изразам искрена благодарност на основачите на Универзитетов и на меѓународниот и на локалниот кадар кои продолжуваат да го следат нашето патување кон исполнувањето на идните предизвици“, рече ректорот проф. д-р Замир Дика.
Рангирањето е спроведено согласно со Берлинските принципи за рангирање на високообразовни установи. Според истражувањето за квалитет на Универзитетот од Шангај, Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕУ) е на топ-листата на два најдобри универзитети со својот рејтинг. Ова рангирање кое го спровел Универзитетот Џио Тонг се однесува само на универзитетите во државава. Рангирањето е направено врз основа на тоа колку се исполнети критериумите во однос на највисоката оценка и е пресметано во проценти.
Рангирањето ја стимулира конкуренцијата помеѓу високообразовните установи, дава значајни информации поврзани со статусот на високообразовната установа за работодавачите, на стопанството и на студентите и нивните родители и др.