Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

ПОВИК ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ДВАЈЦА ЧЛЕНОВИ ОД ОДБОРОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ОД ЗАЕДНИЦАТА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ПОВИК ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ДВАЈЦА ЧЛЕНОВИ ОД ОДБОРОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ОД ЗАЕДНИЦАТА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Согласно со Статутот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Комитетот за назначување на Одборот на Универзитетот објавува повик за изразување интерес од квалификувани лица од Република Северна Македонија (РСМ) за пополнување на двете слободни позиции како членови на Одборот од заедницата со мандат од 1. септември 2024 година.

Едната позиција е отворена за кандидати кои доаѓаат од здруженија или од академската заедница во РСМ, а кои немаат судир на интереси со институцијата. Другата позиција е отворена за кандидати кои доаѓаат од деловната заедница во РСМ. Тие треба да имаат докажан конкретен придонес во високото образование и во науката. Кандидатите не треба да бидат вработени на Универзитетот на ЈИЕ.

Мандатот и на двата члена е четири години. Во согласност со Статутот, ниту еден член не може да биде назначен или повторно назначен откако ќе наполни 70 години.

За да биде квалификуван за назначување, поединецот мора, како што е веќе наведено, на 1. септември 2024 година да биде на возраст под 70 години. Комитетот за назначување сака да привлече кандидати кои имаат квалификации и/или имаат професионално искуство (на пример како редовен професор, вработен во Министерството, Агенцијата за обезбедување на квалитет или виш професионалец во деловниот сектор).

Работењето на Одборот на Универзитетот е на англиски јазик, така што флуентноста на англиски јазик е посебен услов.

Универзитетот на ЈИЕ е приватно-јавна непрофитна високообразовна институција во РСМ, која се потпира во голема мерка на школарини, но добива и значаен елемент на финансирање од Владата. Седумчлениот универзитетски одбор кој е составен од двајца меѓународни члена, двајца члена од заедницата и три члена избрани од Сенатот на Универзитетот е орган кој не е присутен на јавните универзитети и работи според правилниците кои се изведени од Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот и од меѓународните стандарди. Тој (i) врши целосна контрола на стратешкото планирање на Универзитетот и на неговата финансиска одржливост; (ii) го назначува главниот извршен директор (ректорот) по консултација со Сенатот; (iii) ги одобрува годишниот буџет и сметките; (iv) ги надгледува надворешната и внатрешната ревизија на меѓународните стандарди преку Комитетот за ревизија и управување со ризици; (v) врши надзор над високото раководство; и (vi) може да се вклучи во собирање на средства. Овластувањата на Сенатот се однесуваат на сите академски прашања, вклучително и на обезбедувањето квалитет, а е консултиран и за други прашања од раководството на Универзитетот и од ректорот.

Членовите на Одборот од заедницата во РСМ се очекува да присуствуваат на четири состаноци на Одборот и на неговите комитети (тековно се одржуваат во март, јуни, август и во ноември).

Ги повикуваме сите заинтересирани да контактираат со претседателот на Комитетот за назначување, проф. д-р Клаус Тохтерман, за неформална дискусија преку и-мејл: kw.tochtermann@seeu.edu.mk. Дополнителни информации за Универзитетот може да се најдат на неговата веб-страница: www.seeu.edu.mk.

Официјалните апликации мора да бидат на англиски јазик и треба да се достават до 21. февруари 2024 година до 16:00 часот (централно европско време), преку и-мејл до генералниот секретар на Универзитетот, д-р Џеваир Мемеди: x.memedi@seeu.edu.mk. Во и-мејлот треба да биде вклучено и потпишано скенирано пропратно писмо, биографија, како и скенирани препораки од две лица по избор на поединецот. Лицата кои ќе дадат препораки можат да бидат контактирани по дискреционо право на Комитетот за назначување. По состанокот на Комитетот за назначување на 21. март 2024 година, едно или повеќе избрани лица може да бидат контактирани за неформална дискусија со претседателот. Потоа, претседателот ќе го дискутира ова со членовите на Комитетот за назначување, ректорот и вишиот кадар. Официјалното назначување ќе го изврши Одборот на Универзитетот на состанокот на 10. јуни 2024 година, на кој ќе биде поканет успешниот кандидат.

Универзитетот на ЈИЕ силно ги охрабрува соодветно квалификуваните жени да аплицираат. Предност ќе имаат жените со еквивалентни квалификации и професионални перформанси.

Сите прашања, барања за информации, апликации и сродни материјали ќе бидат третирани со доверба во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Универзитетот е институција за еднакви можности.

Клаус Тохтерман,

Претседател на Комитетот за назначување

31 јануари 2024 год.

ПОВИК ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ДВАЈЦА ЧЛЕНОВИ ОД ОДБОРОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ОД ЗАЕДНИЦАТА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Google+